Add parallel Print Page Options

Проповедај правилно и ревносно

Кога Исус Христос ќе дојде да го воспостави Своето царство, Тој ќе им суди на сите - и на живите и на мртвите. Затоа, имајќи ги Бог и Исус Христос за сведоци, со заклетва те задолжувам да ја проповедаш Божјата порака! Прави го тоа ревносно, без оглед на тоа дали моментот е погоден или не. Исправај ги луѓето и укорувај ги за нивните гревови. Трпеливо поучувај ги и охрабрувај ги.

Ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат правилното учење. Напротив, за да си најдат оправдување за своите грешни страсти, ќе си повикаат многубројни учители што ќе им го кажуваат она што сакаат да го слушнат. Ќе престанат да ја слушаат вистината и ќе се свртат кон бесмислени митови.

Ти, меѓутоа, биди трезвен во секоја ситуација. Издржи ги неправдите. Како проповедник на Радосната вест, изврши ја својата задача докрај.

На мојот живот му се гледа крајот. Дојде време да заминам кај Господ. Храбро се борев, ја завршив трката и останав верен. Затоа, за мене е веќе обезбеден венецот на праведноста што Господ ќе ми го даде. Тој суди праведно и во Оној Ден[a] ќе ми даде венец, и мене, и на сите што со нетрпение го чекаат Неговото повторно доаѓање.

За некои лични работи

Потруди се да дојдеш кај мене колку што можеш побргу. 10 Димас толку многу ги сака световните работи, што ме напушти и замина за Солун. Криск замина за Галатија, а Тит за Далмација. 11 Само Лука остана со мене.

Доведи го и Марко. Тој ќе ми биде од голема полза во службата.

12 Тихик го пратив во Ефес.

13 Кога ќе дојдеш, донеси ми го и палтото што го оставив во Троада, кај Карп. Донеси ми ги и книгите, а особено пергаментните свитоци.

14 Ковачот Александар ми нанесе многу зло, но Господ ќе му плати за неговите постапки. 15 Чувај се од него! Многу се противи на она што го проповедаме.

16 Кога првпат ме изведоа на суд, никој не дојде да ми биде поткрепа. Сите ме напуштија. Од мене, простено нека им е. 17 Сепак, Господ беше со мене. Ми даде сила да ја проповедам Неговата порака во целата нејзина полнота, па сите народи што не Го познаваат Бог да можат да ја слушнат. Господ ме спаси од сигурната смрт што ме чекаше, ако ме фрлеа кај лавовите[b]. 18 Да, Господ ќе ме чува од секакво зло и безбедно ќе ме доведе во Своето небесно царство. Слава нека Му е за вечни времиња! Амин!

Завршни поздрави

19 Поздрави ги Приска и Акила, како и семејството на Онисифор.

20 Ераст остана во Коринт, а Трофим беше болен и остана во Милет[c].

21 Потруди се да дојдеш пред зимата.

Те поздравуваат Евбул, Пуденс, Линус, Клаудија и сите други христијани.

22 Господ нека биде духовно со тебе[d] и спрема сите вас нека биде благонаклонет.

Footnotes

  1. 2 Тимотеј 4:8 Видете ја забелешката на 1:12.
  2. 2 Тимотеј 4:17 Буквално: од устата на лавот.
  3. 2 Тимотеј 4:20 Антички град на западниот брег на Мала Азија. Спомнат и во Дела 20:15. Градот е познат и по првите грчки филозофи: Талес, Анаксимандер и Анаксимен. Денес е во урнатини.
  4. 2 Тимотеј 4:22 Буквално: со твојот дух.