Add parallel Print Page Options

Смислата на страдањата заради верата во Христос

Тимотеј, сине мој, Исус Христос ти е благонаклонет! Дозволи Му да те направи силен. Она што го слушаше од мене пред многубројни сведоци, пренеси им го на оние луѓе кои заслужуваат таква доверба, луѓе што се способни да поучуваат и други.

Како добар војник на Исус Христос издржи го твојот дел од страдањата, како што и јас го издржувам мојот дел. Кога еден војник е на должност не треба да се плетка со цивилни работи. Само така ќе може да го исполни она што од него го бара неговиот претпоставен. Кога еден атлетичар се натпреварува, не може да победи, ако не се придржува до правилата. Земјоделецот што напорно работи треба прв да вкуси од плодовите на својот труд. Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш!

Постојано имај Го на ум Исус Христос! Тој му беше потомок на Давид и воскресна од мртвите. Тоа е Радосната вест што јас ја проповедам. Поради тоа што ја проповедам Радосната вест сега сум в затвор, како да сум злосторник. Но Божјата порака не е окована! 10 Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос.

11 Вистина е дека:

„Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме.

12 Ако издржиме, со Него ќе владееме.

Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас.

13 Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен,

зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“

Биди добар духовен работник

14 Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото[a] име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат. 15 Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината. 16 Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог. 17 Таквите учења се како рак-рана[b] што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа. 18 Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе.

19 Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови[c]. Секој што се повикува на Господовото[d] име треба да се откаже од секаков грев[e].“

20 Во богатите куќи нема само садови од злато и сребро, туку има и дрвени и глинени садови. Некои се за свечена, а некои за секојдневна употреба. 21 Така е и со луѓето. Ако човек се исчисти, Бог ќе го издвои за посебни задачи и ќе може да го употреби за секаква добра работа.

22 Бегај од искушенија својствени за млади луѓе! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што со чисто срце Го повикуваат Господ.

23 Не учествувај во глупави и бесмислени расправии. Тие само доведуваат до кавги. 24 Човек што Му служи на Бог не треба да се кара, туку да биде љубезен спрема сите, да ги поучува, да биде трпелив, 25 кротко да ги поучува оние што и се противставуваат на вистината. Можеби Бог ќе им помогне да се покаат и да ја сфатат вистината. 26 Тогаш ќе си дојдат на себеси и ќе се извлечат од стапицата во која ги има фатено Ѓаволот и ги има натерано да ги извршуваат неговите наредби.

Footnotes

  1. 2 Тимотеј 2:14 Во некои ракописи: Господовото име или Христовото име.
  2. 2 Тимотеј 2:17 На грчки: гангрена.
  3. 2 Тимотеј 2:19 Цитат од 4 Мојсеева 16:5.
  4. 2 Тимотеј 2:19 Или: Секој што се нарекува христијанин.
  5. 2 Тимотеј 2:19 Цитат од Исаија 52:11.