Add parallel Print Page Options

Драги пријатели, сега кога ги знаеме сите овие ветувања, да се исчистиме од се што може да ги оскверни нашето тело или дух. Да се трудиме, од страхопочит спрема Бог, да стануваме телесно и духовно се почисти, до совршенство.

За односите меѓу апостол Павле и црквата во Коринт

Направете повеќе место за нас во вашите срца! Ние никого не сме онеправдале, никого не сме завеле, никого не сме измамиле и искористиле. Не го велам ова за да ве обвинувам. Вие сте ни толку прираснати за срце што сме готови со вас да го делиме и животот и смртта. Имам голема доверба во вас. Се гордеам со вас и навистина сте големо охрабрување за мене. И покрај сите наши тешкотии, мојата радост не знае за граници.

Откако дојдовме во Македонија, немаме мир. Се соочуваме со неволи од сите страни: однадвор напади, однатре стравови. Но Бог, Кој ги охрабрува потиштените, со доаѓањето на Тит ни ја врати храброста. Охрабрување за нас беше не само неговото доаѓање, туку и тоа што тој ни го пренесе за вас: како вие него сте го охрабриле, колку сте биле желни да ме видите, колку тагувате и колку ревносно сте приврзани за мене. Тоа уште повеќе ме зарадува.

Дури и ако сум ве нажалил со претходното писмо што ви го пратив, не се каам што го сторив тоа. Извесно време ми беше жал, зашто тоа писмо привремено ве натажи но сега се радувам, не затоа што ве нажалив, туку затоа што тоа ве доведе до покајување. Таа жалост ви е од Бог. Ние со ништо не сакавме да ве повредиме. 10 Бог може да ја употреби жалоста во нашите животи за да ни помогне да се оттргнеме од гревот и да бараме спасение. Ако сте доживеале таква жалост, не треба да ви биде криво. Опасна е жалоста што не води кон покајание, бидејќи таа води во смрт.

11 Видете колку позитивно се одрази на вас таа жалост од Бога! Ве направи многу поотворени и поревносни да покажете дека не сте виновни. Каква огорченост, каква тревога, каква желба, грижа и решителност да се казни прекршителот! Со сето ова покажавте дека во однос на таа работа вие сте чисти. 12 Зашто, кога ви го напишав тоа писмо, не ми беше намерата да го обвинам оној што направил прекршок, ниту да го бранам оној што бил онеправдан. Ви напишав за да ви покаже Бог колку сте приврзани кон нас. 13 Тоа навистина не охрабри.

Не само што ова не охрабри, туку уште повеќе не зарадува тоа што Тит се врати радосен. Сте му покажале дека нема причина да биде загрижен. 14 Сето она за што сум ве фалел пред него се потврди како вистина и не ме посрамивте. Секогаш сум ја зборувал вистината за вас, па така и тоа што ве фалев пред Тит се потврди дека е вистина. 15 Кога Тит видел колку сте вие послушни, со колкава страхопочит и трепет во срцето сте го пречекале, тој уште повеќе ве засака. 16 Многу сум радосен што можам да имам целосна доверба во вас.