Add parallel Print Page Options

Второ писмо од апостол Павле до христијаните во

Коринт

Авторство и поздрави

Од Павле, наименуван од Бог да Му биде апостол на Исус Христос,

и од нашиот драг брат Тимотеј,

до Божјата црква во градот Коринт и до сите христијани во цела Ахаја[a].

Ви посакувам Бог, нашиот небесен Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.

Утешителот Бог

Благословен нека е Бог, Кој е и Татко на нашиот Господ Исус Христос, Татко на милосрдието и Бог од Кој ни доаѓа секоја утеха! Во секоја наша невола не утешува, за да можеме и ние да ги утешуваме другите што се во некаква невола, со истата утеха со која Бог нас не утешува. Колку повеќе страдаме за Христос, толку повеќе Бог ќе не опсипе со утеха преку Христос. Кога ние страдаме, тоа е за ваше добро и за ваше спасение, зашто кога Бог ќе не утеши нас, тоа и за вас ќе претставува охрабрување и така ќе бидете поподготвени трпеливо да поминете низ истите страдања низ кои ние сега минуваме. Имаме цврста верба во вас, иако знаеме дека сега минувате низ страдања низ кои и ние сме минувале, но ќе бидете утешени на истиот начин на кој и ние бевме утешени.

Сметам, драги пријатели христијани, дека треба да знаете за страдањата низ кои ние поминавме во покраината Азија. Тие беа толку тешки и неподносливи, што загубивме секаква надеж дека ќе останеме живи. Помисливме дека ќе умреме и престанавме да се потпираме на сопствените сили. Му се препуштивме на Бог, Кој и мртви може да воскресне. 10 Тој не избави од сигурна смрт и пак ќе не избавува. На Него се надеваме и знаеме дека ќе продолжи да не избавува. 11 Вие ни помагате со тоа што се молите за нас. Кога тие многубројни молитви ќе бидат одговорени и Бог ќе ни ја покаже својата дарежлива благонаклоност, многу луѓе ќе Му бидат благодарни.

Искреност и отвореност

12 Ние можеме да бидеме горди на нашата чиста совест. Спрема сите луѓе, а посебно спрема вас, бевме отворени[b] и искрени, онака како што Бог не учи. Не постапувавме онака како што телесен човек би сметал дека е мудро, туку не водеше Бог, Кој ни беше благонаклонет. 13 Моите писма се јасни. Нема ништо неразбирливо, или скриено меѓу редови. Се надевам дека еден ден се ќе ви биде јасно, 14 иако сега само делумно ви е јасно. Така, на денот кога нашиот Господ Исус ќе се врати, вие ќе се гордеете со нас, а ние со вас.

Причини за одлагање на посетата на Коринт

15 Со таа увереност имав намера да дојдам прво кај вас, и дури двапати да ви бидам полезен: 16 еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја.

17 Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат „да“ всушност мислат „не“. 18 Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, 19 затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано[c]. 20 Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа, кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин[d]“. 21 Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој не одбра, 22 го стави Својот печат врз нас и Го всели во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови.

23 Бог ми е сведок дека причината за моето недоаѓање во Коринт беше со цел да ве поштедам од укорување. 24 Ние не сме ви господари што ќе ви кажуваат како треба, а како не треба да верувате[e]. Сакаме само да соработуваме со вас, за да бидете исполнети со радост, зашто вие во верата сте непоколебливи.

Footnotes

  1. 2 Коринќаните 1:1 Или: Грција; се работи за областа јужно од планината Олимп.
  2. 2 Коринќаните 1:12 Во некои ракописи: свети.
  3. 2 Коринќаните 1:19 Буквално: Не беше и да и не, туку кога ќе кажеше да, остануваше да.
  4. 2 Коринќаните 1:20 Што значи: така нека биде или вистина е.
  5. 2 Коринќаните 1:24 Буквално: ние не сакаме да господариме над вашата вера.