Add parallel Print Page Options

Јагнето и Неговите 144.000 следбеници

14 Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион[a]. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први[b] ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.

Пораки од три ангели

Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“

По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“

По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака, 10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето! 11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име. 12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.

13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат[c] службата!“

Навестување за враќањето на Исус и за духовната жетва

14 Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки[d], со златен венец на главата и остар срп во раката. 15 Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот:

„Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“ 16 Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата.

17 Потоа од Храмот на небото излезе и друг ангел; и тој имаше остар срп во раката. 18 Во тој миг откај жртвеникот излезе уште еден ангел - кој го надгледуваше огнот на жртвеникот - и со силен глас му се обрати на ангелот со остриот срп: „Замавни со својот срп и обери го сето грозје од лозјето на Земјата, зашто тоа е веќе узреано!“ 19 Тогаш ангелот замавна со српот и го обра сето грозје на Земјата и го собра во големата каца на Божјиот гнев. 20 Грозјето во кацата беше изгмечено надвор од градот. А кога се гмечеше, од кацата се разлеа река од крв долга околу триста километри[e], чија длабочина досегаше до уздите на коњите.

Footnotes

  1. Откровение 14:1 Поточно е Цион. Тоа е еден рид во Ерусалим и честопати се употребува како синоним за Ерусалим.
  2. Откровение 14:4 Или: како првина, т.е. нешто одбрано и најдобро.
  3. Откровение 14:13 Буквално: бидејќи нивните дела одат по нив.
  4. Откровение 14:14 Синоним за Исус Христос. За појаснување види Мт. 8:20.
  5. Откровение 14:20 Во ориг: илјада и шестотини стадии.