Откровение 14
Macedonian New Testament
Јагнето и Неговите 144.000 следбеници
14 Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион[a]. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. 2 Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. 3 Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. 4 Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први[b] ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. 5 Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.
Пораки од три ангели
6 Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. 7 Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“
8 По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“
9 По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака, 10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето! 11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име. 12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.
13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат[c] службата!“
Навестување за враќањето на Исус и за духовната жетва
14 Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки[d], со златен венец на главата и остар срп во раката. 15 Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот:
„Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“ 16 Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата.
17 Потоа од Храмот на небото излезе и друг ангел; и тој имаше остар срп во раката. 18 Во тој миг откај жртвеникот излезе уште еден ангел - кој го надгледуваше огнот на жртвеникот - и со силен глас му се обрати на ангелот со остриот срп: „Замавни со својот срп и обери го сето грозје од лозјето на Земјата, зашто тоа е веќе узреано!“ 19 Тогаш ангелот замавна со српот и го обра сето грозје на Земјата и го собра во големата каца на Божјиот гнев. 20 Грозјето во кацата беше изгмечено надвор од градот. А кога се гмечеше, од кацата се разлеа река од крв долга околу триста километри[e], чија длабочина досегаше до уздите на коњите.
Footnotes
- Откровение 14:1 Поточно е Цион. Тоа е еден рид во Ерусалим и честопати се употребува како синоним за Ерусалим.
- Откровение 14:4 Или: како првина, т.е. нешто одбрано и најдобро.
- Откровение 14:13 Буквално: бидејќи нивните дела одат по нив.
- Откровение 14:14 Синоним за Исус Христос. За појаснување види Мт. 8:20.
- Откровение 14:20 Во ориг: илјада и шестотини стадии.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest