Add parallel Print Page Options

Исус исцелува парализиран човек

(Мк. 2:1-12; Лк. 5:17-26) Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома. Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ.

Повикувањето на Матеј за апостол

(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. 10 Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи[a] на данок и жигосани грешници. 11 Го забележаа тоа некои од фарисеите[b] и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ 12 Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! 13 Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо:

,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви[c]!‘

Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“

За постот

(Мк. 2:18-22; Лк. 5:33-39) 14 Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“ 15 Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“

16 „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка. 17 Ниту пак некој става ново[d] вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“

Исус воскреснува и исцелува

18 Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ 19 Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.

20 А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, 21 бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ 22 Исус се сврте, ја погледна и и рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.

23 Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, 24 им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. 25 Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. 26 За ова чудо се разгласи по целиот крај.

Исус исцелува двајца слепи

(Мт. 15:22; 20:30; Мк. 10:47; Лк. 18:38) 27 Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ 28 Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ 29 Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ 30 И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. 31 Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај.

Исус исцелува нем човек

(Лк. 11:14-15) 32 Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. 33 Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ 34 А фарисеите[e], пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“

Христовата сочувствителност спрема загубениот народ

35 Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. 36 Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. 37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. 38 Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

Footnotes

  1. Матеј 9:10 Види ја белешката во 5:46.
  2. Матеј 9:11 Види ги белешките во 3:7 и во 5:46.
  3. Матеј 9:13 Цитат од старозаветната книга Осија 6:6. Види и Михеј 6:6-8.
  4. Матеј 9:17 Новото вино ферментира, при што се ослободуваат гасови кои создаваат притисок. Во тоа време виното се чувало во кожни мешини (мевови).
  5. Матеј 9:34 Фанатична еврејска религиозна секта, доминантна во тоа време, поборничка на Мојсеевиот Закон и еврејските обичаи. Многу често Му се противставувале на Исус и на Неговото учење и сакале да Го убијат.