Add parallel Print Page Options

Споредба на Небесното царство со десет девојки

25 „Кога ќе биде воспоставено небесното царство, тоа ќе биде како во следната споредба. Десет девојки ги зеле своите ламби и излегле да го пречекаат младоженецот. Петте од нив биле глупави, а другите пет - мудри. Глупавите понесле со себе ламби, но не зеле и масло за горење. Мудрите, пак, заедно со ламбите зеле и масло за горење.

Доаѓањето на младоженецот се забавило, па сите девојки задремале и заспале.

На полноќ ги разбудил силен извик: ,Младоженецот доаѓа! Излезете му во пресрет!‘ Девојките станале и почнале да ги подготвуваат своите ламби. Тогаш глупавите им рекле на мудрите: ,Дајте ни од вашето масло за горење, зашто ламбите ни гаснат!‘ Но мудрите им одговориле: ,Немаме доволно масло и за вас и за нас; затоа, појдете кај трговците и купете си!‘

10 Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена. 11 Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘ 12 А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“

13 „Затоа“ - заклучи Исус - „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“

Споредба за доверените богатства

(Лука 19:11-27) 14 „Небесното царство може да се спореди со човек кој, пред да замине на пат, ги повикал своите слуги и им го предал својот имот да раководат со него. 15 На секој од нив им дал според нивните способности: на првиот му доверил пет илјади златници[a], на вториот две илјади, а на третиот илјада. Потоа тој заминал на пат. 16 Оној што добил пет илјади златници веднаш почнал да тргува со нив и спечалил уште пет илјади. 17 Исто така и оној што добил две илјади златници спечалил уште две илјади. 18 А слугата што добил илјада златници ги скрил златниците на неговиот господар, закопувајќи ги вземи.

19 По подолго време господарот на слугите се вратил и ги повикал да му положат сметка. 20 Дошол оној што беше примил пет илјади златници, донесол уште други пет илјади и рекол: ,Господару, ти ми довери пет илјади златници; еве, со нив спечалив уште пет илјади‘ 21 ,Одлично!‘ - му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘

22 Потоа пристапил и оној што беше добил две илјади златници и рекол: ,Господару, ти ми довери две илјади златници; еве, со нив спечалив уште две илјади‘ 23 ,Одлично!‘ - му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘

24 На крајот пристапил и слугата што беше добил илјада златници и рекол: ,Господару, знаев дека си ти строг човек: жнееш каде што не си сеел и береш каде што не си садел. 25 Се исплашив дека ќе ги загубам доверените златници, па отидов и ги закопав. Еве, ти го враќам твоето.‘ 26 Тогаш неговиот господар му рекол: ,Лош и мрзлив слуго! Штом си знаел дека сум строг човек и дека жнеам каде што не сум сеел и берам каде што не сум садел, 27 зошто не ги стави моите пари в банка, та кога се вратив, со нив ќе добиев и камата!?‘ 28 Затоа, земете му ги тие илјада златници и дајте му ги на оној што има десет илјади златници! 29 Секој што спечалил нешто со она што му е доверено, ќе му биде дадено уште и тој ќе има изобилно. А на тој што не спечалил ништо со она што му е доверено, ќе му биде земено и она малку што го има. 30 А бескорисниот слуга фрлете го надвор во темница - таму каде што луѓето од мака лелекаат и чкртаат со сопствените заби!“

Последниот Суд

31 „Кога Синот Човечки[b] ќе дојде во Сиот Свој сјај, придружен од сите Свои ангели, ќе седне на Својот славен престол 32 и ќе ги собере околу Себе сите народи. Тој ќе ги одвои во две групи - како што овчарот ги одлачува овците од козите. 33 Овците ќе ги постави на Својата десна страна, а козите на левата. 34 Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот. 35 Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте; 36 кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘

37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле? 38 Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле? 39 Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘ 40 А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе - сте го правеле за Мене!‘

41 Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели! 42 Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте; 43 кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘

44 Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘ 45 А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“

46 Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците - вечен живот.“

Footnotes

  1. Матеј 25:15 Буквално: пет таланти ... два таланти ... еден талант. Еден талант изнесувал 34 килограми (злато, сребро и сл.).
  2. Матеј 25:31 Се однесува на Исус Христос.