Add parallel Print Page Options

Исусовото преобразување на планината

(Мк. 9:2-13; Лк. 9:28-36) 17 По шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар и браќата Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму Тој се преобрази пред нив: лицето Му болсна како Сонцето, а облеката му стана блескаво бела, како светлина. Наеднаш се појавија Мојсеј и пророкот Илија и разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Господе, колку ни е убаво овде! Ако сакаш, да направиме овде три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“

Додека тој зборуваше, блескав облак ги засени и се чу глас од облакот: „Ова е Мојот Син - Мојот љубимец, со Кого наполно Сум задоволен; Него слушајте Го!“

Кога го слушнаа гласот, учениците многу се исплашија и паднаа ничкум. Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете и не плашете се!“ Кога тие ги кренаа своите погледи, Го видоа само Исус и никој друг.

Додека слегуваа од планината, Исус им нареди: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте, се додека Јас, Синот Човечки, не воскреснам од мртвите.“

10 Тогаш учениците Го прашаа: „Зошто вероучителите велат дека пред да дојде Месијата, повторно ќе се појави пророкот Илија?“ 11 „Секако“ - им одговори Исус. „Најпрво треба да дојде Илија и да подготви се. 12 Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“ 13 Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител.

Исцелување на едно момче обземено од демони

(Мк. 9:14-29; Лк. 9:37-43а) 14 Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена, 15 и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода. 16 Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“

17 А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“ 18 Потоа со заповед го избрка демонскиот дух од него и во истиот миг момчето оздраве.

19 Подоцна Му пријдоа насамо Неговите ученици и Го прашаа: „Зошто не можевме ние да го избркаме демонскиот дух?“ 20 „Бидејќи немате доволно вера“ - им одговори Исус. „Зашто, ве уверувам, дека, кога би имале вера само колку едно синапово зрнце, би можеле да и речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму!‘ - и таа ќе се премести. И ништо не би ви било неможно.“

21 („Овој вид демон може да се изгони само ако претходно сте биле на молитва и пост.“)[a]

Исус вторпат ја навестува Својата смрт

(Мк. 9:30-32; Лк. 9:43б-45) 22 Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. 23 Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците.

Исус плаќа данок за храмот

24 Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“ 25 „Секако!“ - им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“ 26 „Од туѓите!“ - одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање. 27 Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори и ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара[b] што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“

Footnotes

  1. Матеј 17:21 Овој стих го има само во некои ракописи.
  2. Матеј 17:27 Во ориг. статира.