Add parallel Print Page Options

Дванаесетте апостоли

(Мк. 3:13-19; Лк. 6:12-16) 10 Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон - познат и како Петар - и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков - синот на Завдај, и брат му Јован; Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков - синот на Алфеј; Тадија, хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса.

Мисијата на дванаесеттемина

(Мк. 6:7-8; Лк. 9:1-6) Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците - Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; 10 ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи - ќе му ја дадат заслужената плата!

11 Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен[a] и останете кај него до вашето заминување. 12 При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. 13 И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. 14 Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. 15 Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора[b], отколку на тој град.“

Бидете подготвени за прогонства

(Мк. 13:9-13; Лк. 21:12-17) 16 „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. 17 Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите[c]. 18 Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. 19 А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. 20 Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие.

21 Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко - своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт. 22 Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај! 23 А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки.

24 Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. 25 Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол[d]“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“

Од кого да (не) се плашиме

(Лк. 12:2-7; Евр. 10:31) 26 „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Се што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена. 27 Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите!

28 Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот[e]. 29 Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко. 30 А вам и влакната на главата ви се броени! 31 Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“

Неопходно е јавно исповедање на верата во Христос

(Лк. 12:8-9) 32 „Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко. 33 А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“

Цената на верата во Христос

(Лк. 12:51-53; 14:26-27 ) 34 „Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч! 35 Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва; 36 на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“

37 „Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик;кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене - не е достоен да ми биде ученик; 38  39 Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси - ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене - пак ќе си го најде!“

Награди и за мали добрини

(Мк. 9:41) 40 „Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено. 41 Секој што угостува божји пратеник[f] затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот. 42 Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“

Footnotes

  1. Матеј 10:11 Буквално: достоен.
  2. Матеј 10:15 Два града спомнати во Стариот завет и уништени поради нивниот разврат и голем неморал.
  3. Матеј 10:17 Види ја белешката во 4:23.
  4. Матеј 10:25 Буквално: Баалзибул - синоним за Ѓаволот, т.е. поглаварот на демоните. Во употреба се и синонимите: Велзевул, Беел-зебул и Беел-зевув.
  5. Матеј 10:28 На грчки: геена.
  6. Матеј 10:41 Буквално: пророк. Означува лице што ја пренесува Божјата порака.