Add parallel Print Page Options

Исус ги повикува првите ученици

(Матеј 4:18-22; Марко 1:16-20) Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро[a], а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака. Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи. Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон[b], и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот.

Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“ Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“ Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите. Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа. Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“ Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби. 10 Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“ 11 Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници.

Исцелување на еден лепрозен човек

(Матеј 8:1-4; Марко 1:40-45) 12 Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш[c]!“ 13 Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. 14 Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. 15 Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. 16 Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше.

Исус исцелува парализиран човек

(Матеј 9:1-8; Марко 2:1-12) 17 Еден ден, додека Исус поучуваше, меѓу слушателите седеа и некои фарисеи и вероучители[d], дојдени од сите градови на Галилеја и на Јудеја, како и од Ерусалим. Силата Господова Го поттикнуваше Исуса да исцелува болни. 18 И ете, некои луѓе носеа парализиран човек на носила; тие се обидуваа да го внесат човекот внатре, кај Исус. 19 Кога поради големата толпа не успеаја да го внесат внатре, тие се искачија на куќата и преку покривот го спуштија сосе носилата сред народот, пред Исус. 20 Кога Исус виде со колкава вера го прават тоа, му се обрати на парализираниот: „Човеку, гревовите ти се простуваат!“

Кој е овластен да простува гревови?

21 Вероучителите и фарисеите почнаа да си шепотат меѓу себе: „Овој човек е богохулник! Само Бог може да простува гревови и никој друг!“

22 Знаејќи им ги мислите, Исус им рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? 23 Полесно ли е да се каже: ,Гревовите ти се простуваат!‘, или ,Стани и оди!‘? 24 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки[e], имам власт овде на Земјава да простувам гревови!“ Потоа му се обрати на парализираниот: „Ти наредувам: стани, земи си ја постелата и оди си здрав дома!“ 25 Пред очите на сите, човекот веднаш оздраве, па стана, си ја зеде постелата на којашто лежеше и си отиде дома, славејќи Го Бога. 26 Сите останаа вчудовидени и Го славеа Бога со страхопочит, велејќи: „Чудесни работи видовме денес!“

Повикувањето на Левиј (Матеј)

(Матеј 9:9-13; Марко 2:13-17) 27 Потоа Исус излезе и здогледа еден собирач на данок[f], по име Левиј, кој седеше на даночна тезга, па му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ 28 Левиј стана и оставајќи сe тргна по Исус.

29 Набргу потоа Левиј приготви голема гозба во својот дом, во чест на Исус, а меѓу гостите, покрај другите луѓе, имаше и многу собирачи на данок. 30 А фарисеите и вероучителите од нивната група почнаа да негодуваат и им рекоа на Исусовите ученици: „Зошто јадете и пиете со собирачи на данок и со други отпадници?“ 31 На ова, Исус им одговори: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! 32 Јас не дојдов да повикувам праведници на покајание, туку грешници.“

Прашањето за постот

(Матеј 9:14-17; Марко 2:18-22) 33 Тогаш верските претставници Му рекоа на Исус: „Учениците на Јован Крстител редовно постат и се молат, како што прават и учениците на фарисеите, а Твоите ученици јадат и пијат!“ 34 Исус им одговори: „Зар треба да се тераат сватовите да постат, додека младоженецот[g] е со нив? 35 Но еден ден, младоженецот ќе се оддели од нив; тогаш тие ќе постат.“

36 Потоа им ја кажа оваа споредба: „Никој не кине парчиња од нова облека за да закрпи стара облека; зашто, така би се раскинала новата облека, а и новата крпа не би прилегала врз старата облека. 37 И никој не полни ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат[h] од новото вино и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. 38 Затоа, ново вино треба да се става во нови мешини. 39 Но никој што пие старо вино не посакува ново вино, туку ќе рече дека старото вино е подобро.“

Footnotes

  1. Лука 5:1 Познато и како Галилејско Езеро.
  2. Лука 5:3 Од глава 6 стих 14 па натаму, Симон се нарекува Петар - име што му го дал Исус.
  3. Лука 5:12 Лепрозните ги сметале за „нечисти“.
  4. Лука 5:17 Фарисеите биле фанатична еврејска религиозна група, доминантна во тоа време, поборничка на еврејските обичаи и Мојсеевиот Закон. Многу често Му се противставувале на Исус и на Неговото учење и настојувале да Го убијат. Вероучителите (во некои преводи книжници) биле експерти за толкување на Мојсеевите закони и на Стариот завет, воопшто. Ги учеле другите, ги препишувале старите ракописи и биле советници по религиозни прашања во управните тела.
  5. Лука 5:24 Овој израз е синоним за Месијата (види во Стариот завет, Дан. 7:13-14). Исус честопати го користел овој израз за Себе, за да укаже на погрешното сфаќање за Месијата меѓу Евреите.
  6. Лука 5:27 Наплатувачи на данок за окупаторската римска власт, кои меѓу Евреите биле презирани и сметани за предавници, отпадници и грешници.
  7. Лука 5:34 Младоженецот овде се однесува на Исус.
  8. Лука 5:37 Новото вино ферментира, ослободувајќи гасови кои создаваат притисок.