Add parallel Print Page Options

12 Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство! Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена. Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“

Од кого да (не) се плашиме

(Матеј 10:28-31) „Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе! Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите!

Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог! А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“

Неопходно е јавно исповедање на верата во Христос

(Матеј 10:32-33; 12:32; 10:19-20) „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели! Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели.

10 На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува[a] Светиот Дух - нема да му биде простено!

11 Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате, 12 зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“

Споредба со безумниот богатник: не заборавај ја вечноста!

13 Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“ 14 А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“ 15 Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“

16 Потоа им ја кажа следнава споредба:

„Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род. 17 Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘ 18 Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство. 19 Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘ 20 Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘ 21 Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус.

Пазете се од прекумерни грижи

(Матеј 6:25-34) 22 Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. 23 Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. 24 Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! 25 Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? 26 Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!?

27 Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! 28 Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате!

29 Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! 30 Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. 31 Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени.

Стекнувајте си богатство на небото

(Матеј 6:19-21) 32 Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството! 33 Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат! 34 Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“

Бидете подготвени за Христовото враќање

35 „Бидете подготвени - облечени[b] за работа и со запалени светилки - 36 како слуги што го очекуваат својот господар да се врати од свадбена веселба. Штом тој ќе пристигне и ќе затропа на вратата, тие веднаш му отвораат. 37 Блазе на тие слуги кои господарот ќе ги затекне будни кога ќе се врати. Ве уверувам дека тој ќе се зафати со работа, а нив ќе ги седне и ќе ги послужува! 38 Блазе ним ако ги затекне будни, макар тој да се врати на полноќ, или в рани зори[c]! 39 Ова запомнете го: кога домаќинот би знаел во кое време ќе му упадне крадец, не би дозволил тој да му провали во куќата! 40 Така и вие, бидете подготвени, зашто Јас, Синот Човечки[d], ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“

Верен и неверен слуга

(Матеј 24:45-51) 41 Тогаш Петар Го праша: „Господе, дали оваа споредба се однесува само на нас или на сите?“ 42 Во одговор, Господ му рече: „Кој е верен и мудар слуга? Тоа е оној, кого неговиот господар го поставил да раководи со домашните работи и да им дава навреме храна на другите слуги. 43 Блазе си му на тој слуга, ако неговиот господар, при своето враќање го затекне како си ја извршува задачата! 44 Ве уверувам дека господарот ќе го унапреди таквиот слуга, за да раководи со сиот негов имот! 45 Но ако тој слуга си рече: ,Мојот господар ќе го нема уште долго време‘ и почне да ги тепа другите слуги и слугинки, да се оддава на јадење, на пиење и на опивање, 46 тогаш, неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и најстрого ќе го казни, фрлајќи го меѓу оние што го изневериле.

47 Слугата кој знаел што очекува од него неговиот господар, а не постапил според неговата волја, ќе биде најсурово казнет. 48 Слугата, пак, кој не знаел што очекува од него неговиот господар, а направил нешто што заслужува казна - ќе биде поблаго казнет. Многу ќе се бара од оној на кого многу му е дадено. Повеќе се очекува од оној на кого повеќе му е доверено!“

Поделби заради (не)вера во Исус

(Матеј 10:34-36) 49 „Јас дојдов да запалам оган на Земјата - и колку би сакал Мојата задача да беше веќе завршена! 50 Мене Ме очекува страшно „крштавање“ и многу Ми е тешко додека тоа не се заврши! 51 Зар вие мислите дека Јас дојдов да воспоставам мир на Земјата? Ви велам: не мир, туку раздор! 52 Отсега натаму, во семејство од пет членови ќе дојде до поделби за, и против Мене: тројца против двајца и двајца против тројца. 53 Татковци ќе бидат против своите синови и синови против своите татковци; мајки против ќерки и ќерки против мајки; свекрви против снаи и снаи против свекрви!“

Препознавање на времето

(Матеј 16:2-3) 54 Исус му се обрати на народот и рече: „Кога гледате дека се креваат облаци на запад, велите: ,Ќе врне дожд!‘ - и така бидува. 55 Кога гледате дека дува јужен ветар, велите: ,Ќе биде горештина!‘ - и така бидува. 56 Лицемери! Изгледот на небото и на Земјата умеете да го препознавате, а не умеете да го препознаете ова време!?“

Помирувај се со соперникот

(Матеј 5:25-26) 57 „Зошто самите не пресудите што е право? 58 Ако некој те обвини и те даде на суд, потруди се уште по пат да го разрешиш спорот преку спогодба, за да не бидеш одведен на суд, па судијата да те предаде на органите на законот кои ќе те фрлат в затвор. 59 Те уверувам дека нема да излезеш оттаму сe додека не го платиш и последниот грош!“

Footnotes

  1. Лука 12:10 Буквално: хули; богохулствува.
  2. Лука 12:35 Буквално препашани околу половината.
  3. Лука 12:38 Буквално: На втората или третата ноќна стража.
  4. Лука 12:40 Овој термин е појаснет во фуснотата за 5:24.