Add parallel Print Page Options

Новиот живот на христијанинот

Вие сте воскреснати за да живеете со Христос. Затоа стремете се кон она што е на небото, каде што Христос владее, седнат од Божјата десна[a] страна. Размислувајте за она што е на небото, а не за она што е на Земјата. Вие умревте кога умре Христос, а тоа значи дека вашиот вистински живот е скриен во Христос, кај Бог. А кога ќе се појави Христос, Кој е вашиот вистински живот, тогаш и вие ќе се појавите, закитени со Неговата слава.

Затоа, не дозволувајте вашето тело да управува со вас! Умртвете го во вас она што е развратно, гнасно, похотно, зло и алчно. И алчноста е еден вид на идолопоклонство! Ваквите постапки го предизвикуваат Божјиот гнев. Така постапувавте и вие кога вашиот живот беше неуреден. Сега треба да престанете со гнев, омраза и злоба. Престанете да навредувате и да се служите со непристојни зборови. Немојте да лажете. Вие веќе ја соблековте и ја отфрливте вашата стара природа, со нејзините навики, 10 па наместо неа облековте нова природа, која постојано се обновува, колку што подобро Го запознавате Христос, Кој ја создаде новата природа во вас. 11 Не е важно дали сте Грци[b] или Евреи, дали сте обрежани или не, дали сте варвари или Скити[c], дали сте робови или слободни. Се што е важно е Христос да живее во сите нас!

12 Бог ве сака и ве одбра да бидете Негов свет народ. Затоа, сочувствувајте со луѓето, бидете љубезни спрема нив, бидете скромни, кротки и трпеливи. 13 Толерирајте се, простувајте си кога некој ќе ви згреши. Простувајте си исто како што Господ вам милостиво ви прости. 14 А најважно од се е да бидете исполнети со љубов, зашто меѓусебната љубов сврзува во совршена заедница.

15 Секој од вас е дел од Христовото тело. Треба да бидете сложни и благодарни. Дозволете мирот што доаѓа од Христос да ги води вашите срца. 16 Зборовите на Христос, во сето нивно богатство, нека го исполнуваат вашиот живот. Користете ја сета мудрост што ја имате за да се поучувате и советувате еден со друг. Пејте Му на Бог псалми, химни и духовни песни, пејте Му со благодарност и од се срце. 17 Се што ќе кажете или ќе направите, правете го како претставници на Господ Исус, оддавајќи Му преку Него благодарност на Бог Таткото.

Начела за христијанските семејства

18 Жени, покорувајте им се на вашите сопрузи, како што им прилега на Господови следбенички.

19 Мажи, сакајте си ги вашите сопруги. Не однесувајте се грубо спрема нив.

20 Деца, бидете им во се послушни на вашите родители. Тоа Му причинува задоволство на Господ.

21 Татковци, немојте да постапувате сурово спрема своите деца, за да не им ја уништите волјата.

22 Робови, бидете им послушни на вашите земни господари во се, дури и тогаш кога не ве гледаат. Правете го тоа од се срце, не за да им угодите на луѓето, туку од страхопочит спрема Господ. 23 Се што правите, правете го со сета душа, како да го правите за Господ, а не за луѓето. 24 Имајте на ум дека Му служите на Господ Христос и дека Тој ќе ве награди. 25 А кој постапува лошо, ќе си ги поднесува последиците, бидејќи кај Господ нема пристрасност.

Footnotes

  1. Колошаните 3:1 Десната страна означува почесно место и голема власт.
  2. Колошаните 3:11 Се мисли на сите што не се Евреи.
  3. Колошаните 3:11 Се мисли на околните нецивилизирани народи.