Add parallel Print Page Options

Писмо од апостол Павле до христијаните во

Ефес

Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес[a], до верните следбеници на Исус Христос.

Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.

Духовни благослови

Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој не благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос. Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог не одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи. Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да не посвои, да не направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас.

Го славиме Бога заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син. Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање.

Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос. 10 Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере се заедно, и од небото и од Земјата, и да го стави под власт на Христос. 11 Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници[b], однапред определени од Бог, Кој се прави онака како што Самиот Тој ќе реши. 12 Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос.

13 И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои[c], ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено. 14 Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог.

Молитва за духовна мудрост

15 Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани 16 и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас. 17 Го молам Бога, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие се за Себе, за да Го запознаете целосно. 18 Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато[d] и величествено наследство има Бог за Својот свет народ, 19 колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила 20 со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна. 21 Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот. 22 Бог се стави под власт[e] на Христос и Го постави за Господар[f] над се, во полза на Црквата. 23 Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува се и насекаде.

Footnotes

  1. Ефешаните 1:1 Во некои ракописи во Ефес го нема.
  2. Ефешаните 1:11 Или: добивме наследство од Бог.
  3. Ефешаните 1:13 Ставањето печат симболично означува посвојување.
  4. Ефешаните 1:18 Или: какво славно богатство и наследство за Бог се Неговите свети луѓе.
  5. Ефешаните 1:22 Буквално: под Неговите стапала.
  6. Ефешаните 1:22 Буквално: глава.