Add parallel Print Page Options

Споредба меѓу Старозаветното и Новозаветното Светилиште

Секако, и во првиот Завет меѓу Бог и Израел имаше одредби што се однесуваа на богослужењето и на Светилиштето, овде на Земјава. Светилиштето, всушност, беше шатор со две простории. Во првата просторија која се нарекуваше Свето место се наоѓаа свеќникот и масата со посветените лебови. Потоа имаше завеса, а зад завесата се наоѓаше Најсветото Место, во кое беа сместени златниот жртвеник за кадење и Ковчегот на Заветот, обложен со злато од сите страни. Во ковчегот се чуваа: еден златен сад во кој имаше малку мана[a], стапот на Арон, што беше пуштил листови и камените плочи на кои беа запишани Десетте заповеди. Над ковчегот се надвиснуваа славни херувими со раширени крилја над местото за помирување. Но сега не е време за ова детално да се зборува.

Откако сите овие работи беа поставени како што треба, свештениците секојдневно влегуваа во надворешниот дел на Шаторот, за да ги извршуваат богослужбените активности. Но во внатрешниот дел на Шаторот можеше да влегува само Првосвештеникот, и тоа само еднаш годишно. При секое влегување тој принесуваше крв, за да ги покрие своите сопствени гревови и гревовите на народот, извршени поради незнаење.

Преку овие правила, Светиот Дух ни открива дека се додека постоеше првиот Шатор и целиот религиозен систем што тој го претставува, патот за влегување во Најсветото место за нас обичните луѓе не беше отворен. Тоа е сликовит приказ на денешното време, бидејќи приносите и жртвите што Му се принесуваат на Бог, не можат да им ја смират совеста на тие што ги принесуваат. 10 Овие обреди се однесуваат само на храна, пијалак и разни обреди на исчистување, кои беа поставени до времето кога Бог воведе нов ред.

11 Но кога Христос дојде како Првосвештеник на добри нешта кои сега ни пристигнаа, Тој влезе во многу повозвишено и посовршено Светилиште, кое не е изградено од човечка рака и не е дел од овој создаден свет. 12 Христос принесе крв во Најсветото место еднаш засекогаш, но не крв од јарци и јунци, туку ја принесе сопствената крв и на тој начин засекогаш го обезбеди нашето спасение.

13 Ако според строгиот религиозен систем луѓето телесно „се исчистуваа“ попрскувајќи се со крв на јарци и бикови и со пепел од јуници, 14 колку повеќе, тогаш, може да постигне крвта на Христос! Преку вечниот Дух, Тој се принесе Себеси како совршена жртва пред Бог. Неговата крв ја исчистува нашата совест од дела што водат во смрт, за да Му служиме на живиот Бог!

Воспоставување на Новиот завет

15 Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети. 16 Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал. 17 Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава.

18 Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт. 19 Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна. 20 Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас[b]“. 21 Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето[c] и сите предмети што се употребуваа за богослужба. 22 Всушност, според Мојсеевиот Закон, се се исчистува преку попрскување со крв; и без пролевање на крв нема простување на гревовите.

Супериорноста на небесното Светилиште

23 Овие работи беа само слики на небесните оригинали и затоа мораа да се осветуваат преку вакви обреди. Но она што е на небото треба да се исчистува со жртви што се далеку подобри од обична животинска крв. 24 Затоа Христос не влезе во Светилиштето изградено од луѓе, кое беше само копија на вистинското, туку влезе во самото небо, каде што сега се застапува за нас пред Бог. 25 За разлика од Првосвештеникот, кој со туѓа крв секоја година влегуваше во Најсветото место, Христос не влезе во небото за да се принесува Себеси повеќепати! 26 Да беше тоа неопходно, Тој ќе требаше да умира многупати од создавањето на светот наваму! Наместо тоа, кон крајот на времето, Тој дојде еднаш засекогаш, за вечно да му ја одземе моќта на гревот, принесувајќи се Себеси како жртва. 27 Исто како што на луѓето им е определено само еднаш да умрат, а потоа доаѓа судот, 28 така и Христос само еднаш се принесе Себеси како жртва, за да ги искупи гревовите на мнозина. Тој ќе дојде и вторпат, но не во врска со нашите гревови, туку за да им донесе спасение на оние што желно Го очекуваат.

Footnotes

  1. Евреите 9:4 Маната била посебна храна што Бог им ја обезбедувал на Израелците додека патувале низ пустината, при излегувањето од ропството во Египет. 2 Мој. 16:31; Јвн. 6:49; Отк. 2:17.
  2. Евреите 9:20 2 Мој. 24:8.
  3. Евреите 9:21 Во оригиналот: Шаторот.