Add parallel Print Page Options

13 Одржувајте го братољубието меѓу вас. Не пропуштајте да бидете гостољубиви, зашто некои луѓе така имаат угостено ангели, без да го знаат тоа. Сеќавајте се на затворените, како да сте со нив во окови, не заборавајте ги страдалниците, како да сте и вие дел од нивното тело.

Повик на брачна чистота

Бракот треба да се почитува од сите. Мажот и жената да ја чуваат својата интимност без неверства, зашто на блудниците и прељубниците ќе им суди Бог!

Повик на скромност

Во вашите постапки не бидете алчни за пари. Бидете задоволни со тоа што го имате. Господ ни ветува:

„Нема да ве оставам, нема да ве напуштам[a]!“

Затоа храбро можеме да кажеме:

„Јас не страхувам, зашто Господ е со мене;

што може да ми направи човекот[b]?“

Повик на следење добар пример

Помнете ги вашите старешини кои први ви ја проповедаа Божјата порака. Видете го резултатот од нивниот начин на живеење и земете ја за пример нивната вера!

Поглед кон Христос, а не кон обичаите

Исус Христос не се менува: Тој е истиот, вчера, денес и засекогаш! Не дозволувајте да ве заведат со некои чудни учења. Внатрешната сила се добива преку Божјата дарежлива благонаклоност, а не преку држење обичаи за храна; оние што се држеа до овие обичаи, немаа никаква полза од тоа. 10 А ние имаме жртвеник од кој дури ни свештениците што служат во Храмот[c] немаат право да јадат!

11 Првосвештеникот ја внесува крвта од жртвуваните животни во Најсветото место на Храмот, како принос за гревовите. Но телата на животните се палат надвор од Храмот. 12 Затоа и Исус беше погубен надвор од градските порти, за да го исчисти Својот народ од гревови, преку Својата пролеана крв. 13 Така ние сега треба „да излеземе од тој Храм“ и да пристапиме кон Исус, станувајќи така соучесници во срамот на којшто Тој беше изложен. 14 Зашто ние овде на Земјава немаме град во кој вечно ќе живееме, туку го очекуваме во иднина.

15 Нашата постојана жртва е, со помошта на Исус, да Му принесуваме слава на Бог со своите усни, кои ќе Го величаат и прославуваат Неговото име. 16 Не заборавајте да им помагате на другите и да ги делите своите добра со нив, зашто и тоа се богоугодни жртви.

17 Слушајте ги вашите духовни водачи и потчинувајте им се. Тие бдеат над вашите души и за тоа се одговорни пред Бог. Овозможете им тоа да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа нема да биде во ваш интерес.

Лични молби и молитви од писателот

18 Молете се за нас! Ние сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи секогаш се трудиме во се да се однесуваме како што прилега. 19 Посебно сакам да се молите наскоро да можам повторно да ве посетам.

20 Бог е извор на мирот и Тој го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус Христос. Исус е сега најголемиот Пастир, со чијашто крв се склучи вечниот Завет во полза на Неговото стадо. 21 Се молам Бог да ве оспособи за секакво добро дело, за да можете да ја извршувате Неговата волја. Бог нека го изврши во нас она што Му е угодно, преку Исус Христос, Кому што Му припаѓа вечна слава! Амин.

22 Ве молам, браќа, внимателно да го ислушате ова кратко писмо што ви го напишав со цел да ве охрабрам.

23 Ве известувам дека нашиот брат Тимотеј го пуштија од затвор! Ако тој пристигне навреме, заедно ќе ве посетиме.

24 Поздравете ги сите ваши духовни водачи и сите Божји луѓе. И христијаните од Италија ви испраќаат поздрави.

25 Бог нека биде милостиво благонаклонет спрема сите вас!

Footnotes

  1. Евреите 13:5 Се повикува на цитат од Стариот завет, 5 Мој. 31:6, 8.
  2. Евреите 13:6 Цитат од Псалм 118:6
  3. Евреите 13:10 Буквално: во Шаторот. Се мисли на Божјото Светилиште. Исто и во стих 11.