Add parallel Print Page Options

Говорот на Стефан пред еврејското Собрание

Тогаш Првосвештеникот го праша Стефана: „Точни ли се исказите против тебе?“

Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, ислушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој се уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан[a], и му рече: ,Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам[b].‘

Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко се пресели во оваа земја во која сега ние живееме. Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја. Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години. ,Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!‘ - рече Бог. ,Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место[c].‘ Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ.

Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него 10 и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом.

11 Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна. 12 Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови[d]. Тоа беше нивната прва посета. 13 Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство. 14 Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број. 15 Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци. 16 Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор.

17 Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше. 18 Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф. 19 Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи.

20 Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко, 21 а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син. 22 Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење.

23 Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците. 24 Во текот на таа посета виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот. 25 Тој мислеше дека неговите сонародници ќе сфатат оти Бог, преку неговата рака, им праќа ослободување, но тие не сфатија.

26 Утредента виде како двајца Израелци се тепаат и се обиде да ги смири, велејќи им: ,Луѓе, вие сте припадници на ист народ! Зошто се повредувате еден со друг?‘

27 Но виновникот за тепачката го турна и му рече: ,Кој те поставил тебе да ни бидеш владетел и судија!? 28 Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот[e]!?‘ 29 Кога Мојсеј го слушна ова, побегна во Мидијамската земја, каде што живееше како доселеник. Таму му се родија два сина.

30 Откако поминаа четириесет години, во пустината, близу до планината Синај, му се појави ангел во пламенот на една запалена грмушка. 31 Кога Мојсеј го виде ова, се зачуди и појде таму за да види одблизу. Тогаш го чу гласот Господов кој му рече: 32 ,Јас сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, на Исак и на Јаков[f]!‘ Мојсеј се стресе од страв и не се осмели да погледне.

33 Потоа Господ му рече: ,Собуј ги сандалите, зашто стоиш на свето место! 34 Видов како Мојот народ е измачуван во Египет и стенкањето негово го чув. Еве, доаѓам да го ослободам. Сега, оди во Египет[g], како Мој пратеник!‘

35 Оној Мојсеј, кого луѓето го отфрлија, велејќи му: ,Кој те поставил да ни бидеш владетел и судија!?‘ - Бог го испрати преку ангелот што му се појави во запалената грмушка, да им биде водач и ослободител. 36 Правејќи многу чуда и видливи докази, тој ги изведе од Египет, ги преведе преку Црвеното Море[h] и ги водеше низ пустината цели четириесет години.

37 Самиот Мојсеј му рече на израелскиот народ: ,Бог ќе ви издигне Пророк од вашите редови, како што сум јас[i].‘ 38 Тој беше заедно со целиот Божји народ во пустината. Посредуваше меѓу ангелот што му зборуваше на планината Синај и нашите татковци. Притоа, тој прими зборови од животно значење и ни ги пренесе нам.

39 Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата. 40 Му рекоа на Арон: ,Направи ни богови што ќе не водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој не изведе од Египет[j].‘ 41 Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба. 42 Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите[k], како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците:

,Народе израелски!

Дали Мене Ми принесувавте жртви и приноси

додека патувавте низ пустината,

цели четириесет години, доме Израелов?

43 Не, туку си направивте идоли,

за да им се поклонувате:

Со себе ги носевте шаторот

- светилиште посветено на богот Молех и

ѕвездата на богот Реифан!

Затоа ќе ве предадам во ропство,

и ќе ве одведат во далечниот Вавилон[l]!‘

44 Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор[m]. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал‘ 45 Многу години подоцна, под водство на Јошуа[n] го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана се до времето на царот Давид.

46 Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог[o]. 47 Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон.

48 Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија:

49 ,Небото Ми е престол,

а Земјата - подножје на Моите нозе.

Каков дом ќе Ми направите вие?‘ - вели Господ -

,Какво место ќе Ми најдете за Мое живеалиште?

50 Зарем не е се со Мојата рака создадено[p]?‘

51 Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината[q]! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух. 52 Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте. 53 Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“

Каменувањето на Стефан

54 Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан. 55 А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исуса како стои од десната страна на Бог, 56 рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“

57 Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан. 58 Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Савле[r], да им ги причува.

59 Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“ 60 Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина.

Footnotes

  1. Дела Ап 7:2 Харан бил град во Сирија, на северозапад од Месопотамија.
  2. Дела Ап 7:3 Цитат од 1 Мојсеева 12:1.
  3. Дела Ап 7:7 Цитат од 1 Мојсеева 12:7; 15:13-14; 2 Мојсеева 3:12.
  4. Дела Ап 7:12 Буквално: нашите татковци.
  5. Дела Ап 7:28 Цитат од 2 Мојсеева 2:14.
  6. Дела Ап 7:32 2 Мој. 3:6.
  7. Дела Ап 7:34 2 Мој. 3:5-10.
  8. Дела Ап 7:36 Буквално: морето на трските.
  9. Дела Ап 7:37 5 Мој. 18:15.
  10. Дела Ап 7:40 2 Мој. 32:1.
  11. Дела Ап 7:42 Буквално: на небесното воинство.
  12. Дела Ап 7:43 Амос 5:25-27.
  13. Дела Ап 7:44 Буквално: шаторот на сведоштвото. Служел како подвижен храм, место за општење со Бог.
  14. Дела Ап 7:45 На грчки: Исус, синот на Нун. На хебрејски: Ј’хошуа бен Нун.
  15. Дела Ап 7:46 Буквално: на Јакововиот Бог. Според некои ракописи: на домот Јаковов.
  16. Дела Ап 7:50 Исаија 66:1, 2.
  17. Дела Ап 7:51 Буквално: со необрежани срца и уши.
  18. Дела Ап 7:58 На хебрејски Шаул, подоцна наречен Павле; станал Христов апостол. Погледнете 13:9.