Add parallel Print Page Options

Казната над Ананиј и Шапира поради лажење

А еден друг човек, по име Ананиј, во договор со својата жена Шапира[a] исто така продаде една од своите ниви но само дел од парите им донесе на апостолите, тврдејќи дека тоа се сите пари. За сето ова знаеше и неговата жена.

Тогаш Петар му рече: „Ананиј, зошто дозволи Сатаната да ти го исполни срцето, да Го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од парите што ги доби за нивата? Нивата беше твоја. Твоја работа беше дали ќе ја продадеш или не. И кога ја продаде, парите беа твои. Зошто се реши на измама? Ти се обиде да Го измамиш Бога, а не луѓето!“

Кога Ананиј ги слушна овие зборови, падна и умре! Сите што слушнаа за ова многу се исплашија. Неколку момчиња станаа, го завиткаа во платно, го изнесоа и го погребаа.

По околу три часа, дојде неговата жена и влезе, не знаејќи што се случи. Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли беше продадена нивата?“

„Да, за толку“ - рече таа.

Петар и рече: „Зошто се договоривте да го ставате на проверка Духот Господов? Еве ги пред врата момчињата што отидоа да го погребат твојот маж, па и тебе мртва ќе те изнесат!“ 10 И таа веднаш падна пред неговите нозе и умре. Кога влегоа момчињата, ја најдоа и неа мртва, па ја изнесоа и ја погребаа крај нејзиниот маж.

11 Голем страв ја зафати целата црква и сите што слушнаа за ова.

Големиот углед на првите христијани

12 Преку рацете на апостолите беа покажувани многу видливи докази и чуда сред народот. Тие редовно се состануваа во храмот, под Соломоновиот трем, и сите беа сложни. 13 Иако луѓето многу ги почитуваа, никој не се осмелуваше да им се придружи во храмот. 14 Од друга страна, се умножуваше бројот на луѓето што веруваа во Господ, голем број мажи и жени. 15 Луѓето изнесуваа на улиците болни, положени на носила и постели, со надеж дека барем сенката на апостол Петар ќе падне на некој од нив и ќе ги исцели. 16 Се собираа многу луѓе и од градовите околу Ерусалим. Носеа болни и обземени од демонски духови, и сите беа исцелувани.

Верските водачи ги прогонуваат Христовите апостоли

17 Тогаш Првосвештеникот и неговите пријатели, садукеите, се исполнија со завист, 18 па ги уапсија апостолите и ги фрлија в затвор. 19 Но уште истата вечер ангел Господов ги отвори вратите на затворот и ги ослободи, велејќи им: 20 „Одете, застанете во храмот и проповедајте им ја на луѓето оваа порака[b] што е од животна важност!“ 21 Апостолите ги послушаа и уште на разденување влегоа во храмот и ги поучуваа присутните.

22 Но испратените од гардата на храмот не ги најдоа апостолите во затворот, па се вратија и им рекоа: 23 „Затворот беше заклучен, со целото обезбедување и стража пред вратата, но кога влеговме внатре никого не најдовме!“ 24 Кога го слушнаа ова, заповедникот на гардата во храмот и Првосвештеникот се збунија и се прашуваа, што треба да значи тоа!?

25 Тогаш дојде еден човек и им рече: „Оние што ги фрливте в затвор сега се во храмот и го поучуваат народот!“

26 Штом го чу ова заповедникот на гардата на храмот, со своите слуги, отиде и ги доведе апостолите, без да употреби сила, зашто се плашеше да не биде каменуван од народот.

27 Потоа ги изведоа пред Врховното собрание и Првосвештеникот почна да ги испрашува: 28 „Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината[c] за смртта на Тој Човек!“

29 Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени. 30 Вие Го убивте Исуса, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна, 31 Го воздигна како наш Водач и Спасител, па Го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покаат и Бог да им ги прости гревовите. 32 За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се послушни.“

33 Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли! 34 Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат за кратко. 35 Потоа му се обрати на собранието: „Луѓе Израелци, размислете добро што ќе сторите со овие луѓе! 36 Пред извесно време се беше кренал Тода, Кој за себе тврдеше дека е голем човек. Му се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите негови следбеници се распрснаа и исчезнаа. 37 По него, за време на пописот[d], се појави галилеецот Јуда и привлече многу народ по себе. И тој загина, па сите негови следбеници се разбегаа. 38 И за овој случај ве советувам: Оставете ги овие луѓе, пуштете ги, зашто ако целото ова движење и учење се од луѓе - ќе исчезнат, 39 но ако се од Бога не можете да ги уништите. Внимавајте да не се впуштите во судир со Бог!“

Собранието го прифати неговиот совет. 40 Ги викнаа апостолите, ги натепаа и им забранија никогаш повеќе да не зборуваат за Исус. Потоа ги пуштија. 41 Апостолите си заминаа од собранието, радосни што Бог ги удостои да страдаат поради верност спрема името на Исус. 42 Потоа, секој ден, во храмот и по куќите, непрестајно го поучуваа народот и проповедаа дека Исус е долгоочекуваниот Месија.

Footnotes

  1. Дела Ап 5:1 Шапира е арамејско женско име и значи Убавка. На грчки јазик е транслитерирано како Сапфира.
  2. Дела Ап 5:20 Буквално: зборови на животот.
  3. Дела Ап 5:28 Буквално: да ја префрлите крвта на Тој Човек.
  4. Дела Ап 5:37 Не првиот попис на Квириниј забележан во Ев. според Лука 2:2, туку оној во шестата година по Христа.