Add parallel Print Page Options

Расправија во Антиохија околу обрежувањето

15 Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло дека, ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени. Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање. Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа дека и луѓе што не се Евреи се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.

Апостолскиот Собор во Ерусалим

Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за се што Бог направи преку нив. Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.

Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање. По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат. Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам. Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги исчисти и нивните срца преку вера. 10 Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме? 11 Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“

12 Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи.

13 По нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам! 14 Симон Петар ви објасни како самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи. 15 Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:

16 ,Подоцна ќе се вратам

и ќе го обновам паднатиот шатор[a] на Давид,

урнатините ќе ги поправам

17 така што остатокот од човештвото,

меѓу кои се и сите нееврејски народи

кои Јас сум ги повикал да бидат Мои,

ќе можат да Го најдат Господа.‘

Вака рече Господ,

18 Кој уште пред векови ни ги објави овие нешта[b].

19 Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог. 20 Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат задавени животни и да не консумираат крв. 21 Зашто овие закони од Мојсеј се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“

Писмо до христијаните од нееврејските народи

22 Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. 23 Ним им го предадоа следново писмо:

„Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим,

до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија.

Поздрави до вас!

24 Слушнавме дека кај вас дошле луѓе одовде и, без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. 25 Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, 26 луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.

27 Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усно ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. 28 Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: 29 да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства.

Бидете поздравени!“

30 Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. 31 Луѓето го прочитаа и многу и се израдуваа на неговата содржина.

32 А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. 33 Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. 34 [c] 35 Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.

Павле и Барнаба се разделуваат

36 По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“ 37 Барнаба се согласи, но предложи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко. 38 Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата. 39 Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар. 40 Павле, пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет. 41 Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните.

Footnotes

  1. Дела Ап 15:16 Преносно: ќе го обновам паднатото царство на Давид.
  2. Дела Ап 15:18 Цитат од Амос 9:11-12.
  3. Дела Ап 15:34 Во некои ракописи има и стих 34: Но Сила реши да остане таму.