Add parallel Print Page Options

Што ќе посееме, тоа ќе ожнееме

Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува[a]. Со тоа само покажува дека е никој и ништо.

Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение.

Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат[b] сите свои добра со учителот што ги поучува.

Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. 10 Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.

Завршни совети

11 Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! 12 Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. 13 Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле.

14 Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене.

15 Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. 16 На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ[c].

17 Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос.

18 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.

Footnotes

  1. Галатите 6:3 Буквално: Ако некој што е ништо мисли дека е нешто, самиот се измамува.
  2. Галатите 6:6 Или: ...нека учествуваат во сите добри работи, заедно со тој што ги учи.
  3. Галатите 6:16 Во грчкиот текст: Божји Израел.